Оф-роуд велосипедски патеки и Авантуристички парк


Во Пехчево, во рамките на проектот, „Промовирање интегриран пристап за одржливо управување со карактеристичните природни ресурси во Пехчево“, како дел од програмата за зачувување на природата во Македонија поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, се изгради велосипедска патека, долга 10 километри. Таа го поврзува Пехчево со познатите туристички места „Делибови кашчи“ и „Јудови ливади“, онаму каде што расте растението од ендемски вид Drosera Rotundifolia (округолисна муволовка). Патеката е маркирана, по неа се поставени табли, патокази, канти за отпадоци, изготвена е мапа, а за потребите на туристите и посетителите обучени се седум локални водичи кои им помагаат во запознавањето на градот Пехчево и локалитетите лоцирани во негова близина.

АВАНТУРИСТИЧКИ ПАРК

Авантуристичкиот парк Панорама Пехчево е со вкупна должина од 600 метри, како и 36 рампи од кои 24 се само за возрасни, додека 12 се за деца. Паркот е составен од два дела:
·       Адреналинска патека, со должина од 360 метри, која бара голема физичка и психичка подготвеност, и го предизвикува стравот, а истата е наменета за возрасни;
·       Zip-линија со должина од 240 метри за возрасни и за деца, која е во состав на барскиот-еко систем ,,Езерце’’, каде што целото семејство може да помине дел од денот за одмор и рекреација.

ВЕЛОСИПЕДСКА И МОТО ПАТЕКА: ПЕХЧЕВО – РАВНА РЕКА – С. СПОКОВО

Љубителите на планинскиот велосипедизам можат да уживаат во возењето на патека со должина од 29.7 километри. Патеката е кружна, започнува во Пехчево и поминува низ туристичката населба Равна река каде можат да се видат прекрасните Пехчевски водопади. Велосипедската патека потоа продолжува низ борови и букови шуми со опојни миризби низ кои продираат зраци сончева светлина. По должината на возењето се искусуваат убави пејзажи и бројни ливади за одмор и пауза. Патеката со велосипед се поминува за околу 6 часа и е средно тешка. Ова возење ќе ја тестира вашата физичка спремност и кондиција. 
Патека:   Пехчево - Равна Река - с.Спиково - Пехчево
Категорија: Средно тешка
Старт: Пехчево
Крај: Пехчево
Висина: 601 m
Должина: 29.7 km
Време на движење со велосипед: 6 часа

ВЕЛОСИПЕДСКА И ТРИМ ПАТЕКА: ПЕХЧЕВО – РАВНО БОРЈЕ – ПЕХЧЕВО

Патека: Пехчево - Равно Борје - Пехчево
Категорија: Лесна
Старт: Пехчево
Крај: Пехчево
Висина: 186 m
Должина: 7.17 km
Време на движење со велосипед: 1 час

Патеката започнува во Пехчево, на надморска височина од 1000 метри и должина од 7,17 километри. Оваа велосипедска патека e достапна за сите рекреативци поради тоа што е категоризирана како лесна. За време на возењето се поминува низ прекрасните шуми составени од Арис Дуглазија, Бел и Црн бор. Времето потребно за возење на оваа патека е околу 1 час, што е сосема доволно за еден лесен кардио тренинг или релаксирачко возење по убавата Пехчевска околина.