Пораз од Саса во Каменица на стартот од пролетната сезона

Екипата на Кит Го со пораз го почна пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига - Исток. Нашите фудбалери неочекувано загубија минимално со 1-0 на гостувањето против Саса во Македонска каменица во 15. коло од шампионатот.

Каменица Саса до триумфот дојде благодарение на голот на Кристијан Додевски постигнат во 14. минута од средбата, а по несигурната интервенција на голманот на Кит Го.

По водечкиот гол домаќините комплетно се затворија со „бункер варијанта“ во обидот да ја зачуваат предноста. И, успеаја во тоа и наспроти силните налети на фудбалерите на Кит Го кои имаа повеќе од играта, креираа бројни шанси но благодарение на одличниот домашен голман и не успеаја да постигнат погодок и да стигнат до посакуваниот позитивен резултат.

На натпреварот во Каменица Саса за Кит Го настапија: Дураковиќ, Ристески, Синев, Тонев, Димоски, Темелков (Дујоски), Гуцев, Стојанов, Пановски (Неделковски), Настевски и Стоименов (Бујчески).

Следниот натпревар Кит Го го игра на 17. март на домашен терен во Пехчево против екипата на Партизан од Обршани.

Поврзани вести