Бујчевски прогласен за најдобар играч на 16. коло според изборот на МАКФУДБАЛ

Голгеторот на Кит Го од Пехчево, Антонио Бујчевски e прогласен за најдобриот играч на 16. коло во второлигашката конкуренција на домашната фудбалска сцена, според изборот на специјализираната фудбалска интернет страница, МАКФУДБАЛ.МК.

 Бујчевски постигна четири гола во триумфот на   Кит Го од 6-1 против Партизан Обршани со што   без сомнение се издвои изминатиов викенд, како   поединец кој го одбележа 16. коло. Сепак,   Бујчевски вели дека неговите погодоци и   убедливата победа се исто така резултат на   целокупниот колектив, а не на него како   поединец.

„Ни беше повеќе од добредојдена убедливата победа како мотив за продолжението од сезоната. Секако задоволен сум со четири постигнати гола, но мора да нагласам дека тие се резултат на колективната игра и моите соиграчи. Верувам дека и во иднина ќе продолжиме во ист стил, а Кит Го ќе продолжи силно да чекори на патот на остварување на зацртаните цели“ - вели Бујчевски.