Шпанецот Алонсо - човекот кој работел со Покетино, Куман, Алардајс... е главен предавач на семинарот во Пехчево

Шпанскиот стратег Фран Алонсо е главен предавач на Интернационалниот семинар за фудбалски тренери „Учиме од шпанскиот фудбал“ кој се одржува во Хотел Гогов во Пехчево. Огромно искуство од Премиер – лигата, ученик на врвната шпанска школа, повеќегодишна работа со врвни тренерски имиња како Маурсио Покетино, Роналд Куман, Семи Ли и Сем Алардајс.

Мирен и повлечен надвор од фудбалскиот терен, но неверојатно темпераментен кога треба да го сподели знаењето и да го пренесе искуството на колегите од Македонија.

„Ваквите семинари се одлична можност да се сподели досегашното искуство и да се научи нешто ново. И можам да го дополнам насловот на семинарот, и Шпанците учат од македонскиот фудбал. Во денешниот глобален свет, секогаш може да се научат некои нови моменти кои потоа ни користат на сите во работата. Имаме прекрасен семинар, мислам дека научивме многу“, вели скромниот Фран Алонсо.

Тој е одличен соговорник за да го скенира најдоброто од европскиот фудбал и да направи паралела меѓу англискиот фудбал каде работеше речиси една деценија и шпанскиот кој владеше со Европа и со светот на изминатите неколку големи натпреварувања.

„Разликата е во интензитетот во играта и во пристапот кон фудбалската игра. Во Англија, интензитетот е максимален, акцентот е секогаш ставен на огромен број спринтови, беспрекорна физичка подготвеност и стратегија секогаш да се нападне противничкиот гол. Тоа изминатата сезона даде огромни резултати, видовме дека англиски клубови играа во финалето на Лигата на шампионите. Шпанската филозофија е поинаква. Ако за Англичаните, силата е во нозете, во Шпанија се вели – фудбалот се игра со мозок. Важен е поседот на топката и идејата да не се троши премногу сила, туку низ игра со топка да се создаде шанса за гол“, објаснува Фран Алонсо.

Една деценија е дел од англискиот фудбал и може да ги издвои најдобрите со кои работел. Меѓу тренерите, за него неприкосновен е Маурисио Покетино.

„Тој е неверојатен, има огромно знаење, но и секогаш владее со ситуацијата, го има тимот под контрола. На тренинзите работи со огромен интензитет, бара многу од фудбалерите, но и тие му враќаат со одлични игри на теренот. Минатата сезона го загуби финалето во Лигата на шампионите, јас сум уверен дека ќе го освои трофејот во наредните две – три сезони, без разлика кој тим ќе го води“, истакнува Фран Алонсо.

Интересно е дека Адам Лалана, фудбалерот на Ливерпул, со кого работеше во Саутемптон, го издвојува како најдобар од англиските играчи.

„Лалана е чудо од фудбалер, неверојатно добар техничар за англиски фудбалер, со огромна желба за напредок и победнички карактер. Знам дека минатата сезона имаше многу проблеми во Ливерпул, но тој е одличен играч. Од дефанзивците, уште пред неколку години со Покетино како да знаевме дека Вирџил ван Дајк ќе биде најдобар во светот. Тој е роден лидер и победник. Секако, работев и со Вејн Руни, големата англиска ѕвезда, кој сепак во Евертон се врати во зрели фудбалски години. Но, тој е фудбалски ѕвер на теренот“, вели шпанскиот стратег.

Знае многу, голем дел од искуството пренесе и на тренерите во Македонија на семинарот „Учиме од шпанскиот фудбал“. И толку е скромен, што вели дека и тој многу ќе научи од македонскиот фудбал.