Емил Грнев: Силен предизвик за нас се дуелите со Пелистер и Беласица на стартот од новата сезона

Против трофејните македонски клубови Пелистер и Беласица, фудбалерите на Кит Го ќе ја отворат новата натпреварувачка сезона во Купот на Македонија и во шампионатот во Втората лига - Исток. Стартот на официјалните натпревари ќе биде означен со дуелот против Пелистер на 21. август во Пехчево во рамките на 1/16-финалето од Купот на Македонија.

„Не очекува интересно првенство во Втората лига - Исток. Ќе одиме чекор по чекор во желбата да се надигруваме против секој противник и да остваруваме позитивни резултати“ - вели шефот на стручниот штаб на Кит Го, Емил Грнев, осврнувајќи се на првите противници кои не очекуваат овој месец.

Кит Го за противник во 1/16-финалето од Купот на Македонија го доби Пелистер, а на стартот од новата сезона во Втората лига следи дуел против струмичка Беласица.

„И за Пелистер и за Беласица може да кажам дека се клубови со долга и богата историја во македонскиот фудбал. Предизвик ќе бидат овие натпревари за нас, но Кит Го воопшто не планира предвреме да се предаде. Секој противник максимално го почитуваме, но против секој ќе одиме на победа. Така ќе биде и во Купот и во првото коло од шампионатот“ - истакнува тренерот на Кит Го, притоа дополнувајќи дека веќе тимот е комплетиран и со приклучувањето на неколкуте досега повредени фудбалери.

„Со враќањето на Дујоски, Пановски и Ефремов кои претходно отсуствуваа поради повреди, комплетни и подготвени ќе ги дочекаме натпреварите со Пелистер и со Беласица“.

Тимот, согласно програмата за подготовки на стручниот штаб, за престојнава недела планира одигрување уште еден пријателски натпревар, но противникот и терминот дополнително ќе биде одреден.