Грнев: Ни недостасува агресивност и одлучност во нападот

По двете почетни средби на стартот од новата сезона во Втората лига - Исток, Кит Го е со еден освоен бод. Два тешки противници како Беласица и Кожуф, за да на крај се издвои единствено бодот од дуелот со гевгеличани во Пехчево.

Шефот на стручниот штаб Емил Грнев нагласува дека агресивноста и поголемата одлучност во нападот се два елементи кои недостасуваат во играта на неговиот тим.

„Најголем проблем ни е реализацијата. И против Кожуф во првото полувреме имавме две стопроцентни можности за погодок но не ги искористивме. Кога зборуваме за недостатоците во игра, факт е дека ни недостасува поголема агресивност во играта и во реализацијата. Во нападот мора да бидеме поодлучни, и тоа е тоа на кое ќе работиме следниот период“ - вели Грнев, притоа дополнувајќи:

„Беше тврд натпревар против Кожуф, но повеќе и затоа што самите му дозволивме на противникот да наметне своја игра. Сепак, поведовме но потоа дозволивме брзо да дојдат до израмнување на резултатот“.

Кит Го во следното 3. коло на 7. септември гостува на екипата на Плачковица во Радовиш.