Драма со среќен крај... Триумфално крунисана во финишот тоталната доминација против Победа

Фудбалерите на Кит Го повеќе од заслужено стигнаа до триумф од 2-1 со пресврт против прилепска Победа во 9. коло од Втората лига - Исток.

На натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Пехчево избраниците на Емил Грнев апсолутно доминираа во текот на сите 90 минути против прилепчани, за да победата заслужено стигне во последните минути.

И покрај иницијативата на фудбалерите во бело во првиот дел, Победа од првата своја акција повеќе случајно дојде до предност во 43. минута со голот на Давид Јошески.

Сето тоа влијаеше за целосна офанзива на фудбалерите на Кит Го од стартот на второто полувреме. Се редеа шанса по шанса, гостинскиот голман го бранеше и невозможното по можностите на Ступиќ, Алексовски, и останатите домашни фудбалери. Во 77. минута имаше и очигледна игра со рака на гостинскиот дефанзивец и тоа стопирајќи ја топката кон голот на Победа откако Ступиќ со глава се обиде, но за главниот судија немаше удар од белата точка

Но, тоталната доминација едноставно не можеше а да не вроди плод. Па, во 89. минута, по нафрлањето од левата страна од слободен удар Оливер Христов одличен во скокот со глава сместува во противничката мрежа за израмнување на 1-1.

Силните атакци кон голот на Победа продолжија и во следниот период, па во 95. минута по обидот најпрво на Ступиќ и потоа мешаницата пред гостинскиот гол Иле Синев од неколку метри смести зад линијата за триумф од 2-1.

КИТ ГО - ПОБЕДА 2-1 (0-1)
Градски стадион во Пехчево: Гледачи 300. Стрелци: Христов 89', Синев 90'+5 (КГ), Јошески 43' (П).


ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (9. КОЛО)
Кит Го - Победа 2-1
Тиквеш - Беласица 1-2
Осогово - Каменица Саса 2-5
Питу Гули - Плачковица 0-1
Брегалница - Кожуф (18 ч.)