Фудбалерите на Кит Го во 10. коло од Втората лига - Исток денеска од 14:30 часот во Пехчево го пречекуваат лидерот на табелата, тимот на Беласица.
По претходните квалитетни изданија огромно е расположението во таборот на Кит Го за нов позитивен резултат и против фаворитот Беласица. На првиот меѓусебен дуел сезонава нашиот тим загуби со 3-0 на гостувањето во Струмица. Токму затоа сега желбата е да се покаже дека тоа беше само еден лош ден...
„Екипата е комплетно, максимално подготвена и мотивирана за да се реваншираме за првиот натпревар во Струмица. Верувам дека ќе продолжиме со добрите игри, и секако огромна е желбата бодовите да останат во Пехчево“ - вели творецот на претходниот триумф против Победа, дефанзивецот Иле Синев.
Марјан Стојановски од Кичево ќе биде главен делител на правдата на натпреварот, а ќе му помагаат сограѓаните Давор Цветановски и Мартин Дејаноски. Делегат на дуелот ќе биде Ристо Танев од Гевгелија, а контролор на натпреварот - Златко Неделкоски од Скопје.