Грнев: Сакаме оваа форма да ја зачуваме до крајот на есенскиот дел

Сосема очекувано, шефот на стручниот штаб на Кит Го, Емил Грнев е повеќе од задоволен од резултатите на тимот изминатиов период. Четири едноподруго натпревари фудбалерите на нашиот тим знаат само за победи, против Беласица и Победа на домашен терен и против Каменица Саса и Кожуф на гостите. Сето тоа за приклучок на водечките екипи на табелата во Втората лига - Исток.

„Задоволен сум од формата на екипата, но воопшто не треба да се опуштаме. И натаму на секој натпревар мора да се дава максимумот, па на тој начин се надевам до крајот на есенскиот дел ќе го зачуваме овој ритам на игри. Веќе во недела не чека тежок натпревар против Плачковица. Секако, како и на претходните дуели ќе атакуваме на победа верувајќи дека можеме да го зачуваме чекорот со водечките екипи“ - вели Грнев.

Стратегот на Кит Го вели дека и резултатите, кои неизбежно мораше да дојдат, се должат на одличните услови за работа кои ги има екипата. Сето тоа е мотив за позитивни изданија до крајот на есенскиот дел.

„Мора да искажам благодарност до првите луѓе на клубот кои ни овозможуваат услови за работа на какви може да ни завидат и многу поголеми екипи во македонскиот фудбал. Токму поради силната поддршка која ја имаме од челниците на клубот наша желба е да вратиме со победи и по крајот на есенскиот дел да ја зачуваме позицијата со шанса за освојување и на првите две места во шампионатот“ - истакнува Грнев.