Грнев: Имавме квалитетен прв тест, следните натпревари за темпирање на формата пред пролетта

Максимално активно продолжуваат подготовките на ФК Кит Го во Анталија, каде фудбалерите на нашиот тим ја минуваат главната фаза од зимскиот подготвителен циклус.

Шефот на стручниот штаб Емил Грнев е задоволен од досегашниот тек на подготовките истакнувајќи дека и првиот контролен дуел со романска Рипенсиа, и покрај минималниот пораз, ги донел очекуваните придобивки.

„Идеалните услови за работа ни овозможуваат комплетна подготовка согласно планот и програмата. Задоволен сум и како го одигравме првиот пријателски натпревар во кој доминиравме во поголемиот дел од мечот, но дозволивме погодок во самиот финиш. Во секој случај, остануваат пред нас уште натпревари низ кои треба да се темпира формата за стартот на пролетниот дел од првенството“ - вели Грнев.



Следниот противник на Кит Го на подготовките во Анталија е романскиот тим Универзитатеа Крајова 1948, дуел кој е закажан за петок (7. февруари).