Во финишот „прокоцкана“ предност: Минимален пораз од Универзитатеа Крајова 1948

Фудбалерите на Кит Го доживеаја и втор минимален пораз на подготовките во Анталија, овој пат од првооласираната екипа во романската Трета лига, Универзитате Крајова 1948 со 2-3 (1-1).

Избраниците на Емил Грнев беа далеку подобри на теренот, имаа предност и од 2-1, но нешто слично како и на првиот натпревар со два гола во финишот дозволија победа на Романците.

Универзитатеа Крајова 1948 поведе во 19. минута со голот на Стоенац, но израмни Бошко Ступиќ по одличната акција во 35. минута.

Во второто полувреме, низ далеку подобра игра Кит Го поведе во 50. минута со голот на Тони Мичковски. Но Романците со два гола, од кои третиот во 81. минута дојдоа до триумфот од 3-2. Во последните минути од средбата одлична шанса за израмнување имаше Најдов, но остана неискористена.

Кит Го на дуелот против Универзитатеа Крајова 1948 настапи во следниот состав: Денковски, Антонов, Димоски, Гогов, Христов, Рајков, Дујоски, Алексовски, Андонов, Најдов и Ступиќ. Играа уште: Ташков, Николовски, Стојменов и Мичковски.

Следниот пријателски натпревар на фудбалерите на Кит Го во Анталија е против данскиот ХИК.