Грнев: Минавме квалитетни подготовки, подготвени сме за пролетната сезона

Шефот на стручниот штаб на Кит Го, Емил Грнев со осврт за изминатите зимски подготовки и очекувањата за пролетниот дел од шампионатот.

„Задоволен сум од тоа како минаа подготовките за пролетниот дел од сезоната. За нас, без сомнение, едно големо искуство повеќе беа и подготовките во Анталија за што мора да заблагодариме на раководството на клубот кое ни го овозможи сето тоа. Како за првпат, мислам дека добро се покажавме на меѓународните натпревари“ - вели тренерот на тимот од Пехчево.

Кит Го во зимскиот преоден рок се засили и со Бојан Ѓорѓиевски, Тони Мичкоски како и голманот Давид Денковски...

„Имаме квалитетни засилувања кои брзо се вклопија во тимот. Мислам дека максимално подготвени ќе го дочекаме стартот на пролетната полусезона. Тоа го покажавме и на последниот пријателски натпревар против Пелистер, тим кој се бори за влез во Првата лига. Одигравме цврст натпревар со многу трка и борба на секој дел од теренот. Задоволен сум од тоа што го видов во Битола, знаејќи дека формата ќе расте од натпревар на натпревар“ - истакнува Грнев.

Кога се зборува околу амбициите за пласман во елитата...

„Се разбира дека фаворитската улога е на страната на Беласица, Тиквеш и Брегалница. Доколку нам ни се укаже шанса, секако ќе се обидеме да ја искористиме“ - вели шефот на стручниот штаб на Кит Го.