Грнев: Ја препуштаме фаворитската улога на Тиквеш, но и Кит Го атакува на бодови

Кит Го утре од 14 часот во Пехчево го пречекува Тиквеш во дерби пресметката од 16. коло во Втората лига - Исток. Натпревар кој, без сомнение, го привлекува најголемото внимание во источната второлигашка конкуренција.

Шефот на стручниот штаб Емил Грнев ја препушта фаворитската улога на кавадарчани, но нагласува дека неговите избраници како и на секој досегашен натпревар сезонава максимално ќе атакуваат на бодовите.

„Кит Го на секој натпревар сезонава сака да се надигрува со секој противник, и нормално да дојде до победата. Така ќе биде и на утрешната пресметка против Тиквеш. Јасно е дека максимално ја почитуваме екипата на Тиквеш која е составена од искусни фудбалери и за која може да кажеме дека е фаворит пред натпреварот. Но, нашата желба и амбиција е секако бодовите да останат во Пехчево“ - вели Грнев.

Дејан Младеновски од Скопје ќе биде главен делител на правдата на утрешниот натпревар, а ќе му помагаат сограѓаните Видиниќ и Џиковски. Четврти судија е Кристијан Ѓуровски, исто така од Скопје. Делегат на натпреварот е Павле Игнатов од Пробиштип, а контролор - Бранко Манојлоски од Тетово.

Натпреварот, поради препораката од Владата за превенција од коронавирусот, ќе се игра без присуство на публика.