Судиска комисија при ФФМ: Голот на Кит Го е регуларен, Тиквеш заслужи најмалку еден црвен картон!

Реакциите од страна на ФК Тиквеш за наводно нерегуларен гол на Кит Го во меѓусебниот натпревар од 16. коло до Втората лига - Исток кој се играше во Пехчево, денеска категорично оквалификувани како крајно неосновани и од страна на Судиската комисија при ФФМ. Судиската комисија го потврди тоа што целокупната македонска фудбалска јавност го виде - голот на Кит Го е регуларен.

А, наспроти тоа, првиот човек на Судиската комисија, Емил Божиновски, во својот став истакнува дека главниот судија ќе биде санкциониран затоа што не досудил најмалку еден црвен картон за Тиквеш во неколку очигледни ситуации кои заслужуваа исклучување за кавадарчани.

„Екипата на ФК Тиквеш остро реагира зошто е признат РЕГУЛАРЕН гол за екипата на ФК Кит Го, иако, со една од камерите јасно се гледа дека лоша проценка има помошниот судија кој сигнализира офсајд. Претставникот на ФК Тиквеш го обвинува главниот судија, а истиот им овозможи да го играат натпреварот без исклучен фудбалер и да стигнат до израмнување на резултатот, иако најмалку еден нивен играч требаше да биде исклучен. За тоа, судиите ќе бидат санкционирани согласно нашиот правилник“ - се вели во еден дел од соопштението на Судиската комисија при ФФМ.

КАКО ЗАИНТЕРЕСИРАНА СТРАНА, СТАВОТ НА СУДИСКАТА КОМИСИЈАТА ПРИ ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Судиската организација како независно тело при Фудбалската федерација на Македонија се чувствува повикана да реагира по повод острите реакции и изнесените невистини на прес – конференцијата на претставниците на клубовите ФК Тиквеш, ФК Плачковица и  ФК Победа од Втора МФЛ – ИСТОК, Миле Масларков, Љупчо Димитковски – Гањо и Миле Спиркоски.

Со цел вистинито информирање и покажување одговорност во рамките на своето делување, би сакале да го посочиме следното:

Судиската организација во рамки на ФФМ, работи и постапува во согласност со правилниците усогласени со УЕФА и ФИФА и истите се однесуваат и применуваат  еднакво кон сите учесници во фудбалската игра во Македонија во најширока смисла на зборот.

Одговорно тврдам дека оваа Судиската организација како независно тело во рамки на ФФМ, како никогаш досега е пример за транспарентно и одговорно однесување кон сите клубови од МФЛ во однос на нивните забелешки по одредени судиски одлуки.

Гледачите и љубители на фудбалот се свесни дека и во елитните европски натпреварувања, дури и со употреба на најсовремени технологии за контрола за судењето (т.н. ВАР систем) се случуваат погрешни проценки при толкувањето и примената на Правилата на фудбалската игра од страна на судиите во одредени ситуации.

Но, во конкретниот случај претставниците на клубовите изнесуваат субјективни ставови и бегајќи од вистинската одговорност го нарушува авторитетот и интегритетот на фудбалските судии и работници.

Намерата на претставниците на трите клубови не е искрена и чесна затоа што без никакви докази обвинуваат млади судии за некакви пропусти во минатото и предвидуваат сценарија за во иднина. Во однос на конкретните забелешки изнесени на прес – конференцијата, а по прегледувањето на снимките од натпреварите, во продолжение ги давам моите одговори:

- Екипата на ФК Тиквеш остро реагира зошто е признат регуларен гол за екипата на ФК Кит Го, иако, со една камерите јасно се гледа дека лоша проценка има помошниот судија кој сигнализира офсајд. Претставникот на ФК Тиквеш го обвинува главниот судија, а истиот им овозможи да го играат натпреварот без исклучен фудбалер и да стигнат до израмнување на резултатот, иако најмалку еден нивен играч требаше да биде исклучен. За тоа, судиите ќе бидат санкционирани согласно нашиот правилник.

- Претставникот на ФК Победа како многупати досега за секоја одлука или неуспех, виновникот го бара во Судиската организација или ФФМ. Веројатно, се уште не може да се помири дека е без функција во ФФМ и години наназад го злоупотребува клубот и ја користи секоја прилика, најчесто неоснована, за напад на работењето на Судиската комисија и ФФМ.
- Присуството на тренерот на ФК Плачковица е неразбирливо и не заслужува коментар.

Судиската комисија ќе понесе целосна одговорност доколку покажат и најмал доказ за нивните неаргументирани и смешни тврдења за некави наредби судиите да помагаат или судат на штета на некој клуб.