Секретарот Јованче Пилешков од учесник за „Гинис“ до огледалото на ФК Кит Го

Богатата фудбалска кариера растргната дури 27 година Јованче Пилешков ја скроти на функцијата генерален секретар на Фудбалскиот клуб „Кит Го“ од Пехчево. Гратче кое привлекува со својата питома дивинa во која човек обичен и особено спортист едноставно е принуден да ужива. 

Со доаѓањето на новиот бренд предводен од Кирил Гогов пред неколку години се прероди некогашниот Напредок кој знаеше да пали и да гаси по Источниот регион а богами и во Првата фудбалска лига на Македонија. За две – три години се изгради спортски комплекс кој наликува на една фина фудбалска академија во која изникнаа и неколку пионерско-младински школи под раководство на прекалени млади ама искусни тренери. Диригентската палка ја раководи секретарот Јованче Пилешков под чија надлежност се задачите и обврските за сениорскиот тим, но и грижата и негата на младитe категории. Впрочем и му доликува „палка“ бидејќи го има и „звањето“ професионален музичар за кое луѓето ретко знаат.




А, теренот во Пехчево е еден од најмодерните со инсталирана инфраструктура за полевање и наводнување ,изградена трибина со санитарни јазли, современа соблекувални со сите потребни елементи за масажа,тушеви, простории за прием на играчите и официјалните лица со сета неопходна електронска апаратура со која лично „барата“ секретарот Пилешков, а потпомогнат од вредниот технички персонал.

Секретарската работа е одговорна, се работи за сите проверки на играчите за картони, жолти, црвени, суспензии кои се регулираат, се води сметка за боја на дресовите во кои ќе истрчаат играчите, секако водејќи сметка и за гостинските бои, едноставно работи кои одат во недоглед и секоја и мала лоша проценка или грешка значи казна, суспензија, ем за играчот или за клубот. Затоа ФК „Кит Го“ едноставно наеднаш блесна, како феникс на Истокот ги собра симпатиите на целата Малешевија и за кратко време ја „претрча“ Општинската и се прошета по Третата фудбалска лига и цврсто ја зграпчи Втората Македонска фудбалска лига - Исток.


Јованче Пилешков е дете на Пехчево и по наговор на неговиот татко кариерата ја започнува во пионерската школа на Брегалница под будното око на некогашниот ас Боро Пандев кој го воведува во првите фудбалски тајни и му ги насочува основите на фудбалот. Тоа е 1977 година во која Брегалница е второлигаш во тогашната Сојузна лига на СФРЈ а со тоа и можност пионерските екипи да прошетат по турнирите накај Белград, Земун и други градови. Откако фудбалски се „наоружува“ и минува во повозрасната младинска категорија по наговор повторно на неговиот татко доаѓа во неговото Пехчево каде по успешните настапи стигнува и до сениорскиот дрес. Наидува на посебна поддршка и неопходна техничка наобразба од некогашниот играч на Работник, па на Брегалница, Начо Кишишев кој му е тренер и патоказ од напаѓачките редови да се пресели во халф-линијата. Напредок тогаш настапува во Источниот фудбалски регион а прекомандата во одбраната не му смета да ги тресе противничките мрежи за што награда од по сто денери Пилешков добива за секој постигнат гол од неговиот дедо.

Брегалница од Делчево е следната станица на Пилешков, стабилна екипа во која рамо до рамо со него се плус штипјаните Кире Ѓоргов, Емил Андов и Васе Ѓоргиев. Следува една сезона и во Малеш од Берово каде што заедно со него е можеби најдобриот фудбалер од Истокот, Дејан Демјански а тренер менаџер е Стојанче Саздов – Шилец.

По ова следува трансфер на Пилешков и Демјански во Брегалница, сезона 1991-92, во која тренер е Драган Христовски и година која се памети по скандалот во Кочани на мечот со Осогово. Инфаркт натпревар одигран пред околу 15.000 гледачи со голем притисок бидејќи Брегалница само со победа останува во Македонската лига. Судијата Миле Стојчевски при резултат 2-1 за Брегалница досудува непостоечки пенал за Осогово по што следи физички напад врз него и прекин на натпреварот со завршница – резултат 3-0 службено и Брегалница испадна во Втора лига.

По ова Пилешков се сели во силниот тогаш Рудар во Пробиштип под раководство на славниот Андон Дончевски и се задржува 4 години... Како што вели, неговите најдобри години во кариерата. Во Рудар заедно со него во екипата е Влатко Давитков – Попе и ја издвојува средбата со прилепска Победа во која слават со резултат 4-2, а Пилешков е стрелец на два гола, Давитков еден и Тасев еден.

Следува Радовиш и Плачковица Јака во која уште се штипјаните Орце Николов, Влатко Манев – Коџак, Трајче Миланов,Игор Наков – Рамбо и Горан Тушевски. По престојот во Радовиш речиси сите овие играчи се враќат во Штип со цел да и помогнат на Брегалница која е во најтешката криза со третолигашки статус. Раководството на клубот предводено од Руди Јордев, Мите Николов, Ангел Митев и Ванчо Коцев, со тренерите Мирко Наџаков и Мите Ѓоргиев, ја вадат Брегалница од „калта“ од таа како што сите ја нарекуваа „дива “ лига по што Брегалница се врати во Втората македонска лига.




Од тоа време остана запишано победата за Гинис, Брегалница – Младост Муртино 18-0 и 9 гола постигнати од страна на Влатко Манев – Коџак. Фил на третолигашката торта беше мечот Злетовица – Брегалница во која на штипските „синие“ им требаше и бод за да го освои првото место. Караван од возила се упати кон Злетово имаше можеби 10.000 публика со големо обезбедување и невиден притисок кон сите играчи на Брегалница, особено врз Пилешков бидејќи борбата за пласман се водеше со Рудар а тој како бивши играч беше на мета на овој клуб. Натпреварот во мошне тензична атмосфера заврши нерешено 0-0 со што Брегалница конечно се извлече од Третата лига.

Кариерата Јованче Пилешков по 27 години активна игра ја заврши токму во тимот на Злетовица по што остана да работи во телата и органите на ФФМ. Беше Комесар на ОФС Штип кога настапуваа дури 16 екипи а подоцна беше и Комесар во Третата фудбалска лига – Исток. Тимот на Кит Го го краси со извонредна средена документација и ажурна работа, сега во Втората Македонска фудбалска лига со големи амбиции за висок пласман и сите во исчекување на крај на оваа корона криза и враќање на залениот фудбалски терен.

Преземено од www.mnet.mk
Драги Герасимов – Пушка