Во последните минути испуштена победа против Осогово

Фудбалерите на Кит Го пропуштија огромна можност за прва победа во новата сезона во Втората лига - Исток, ремизирајќи (3-3) на домашен терен со Осогово во 2. коло од шампионатот. Избраниците на Емил Грнев имаа предност и од 3-1 до самиот финиш од средбата но дозволија два гола на кочанци во последните десет минути од натпреварот за конечни 3-3.

Кит Го брзо дојде до водство. Марио Рунтев во 5. минута одлично украде топка на 30 метри од половината на гостите, го проигра Ступиќ кој од десната страна прекрасно нафрли пред голот на Осогово каде Владимир Дујовски од непосредна близина прецизно стрелаше за 1-0.

Доминацијата на Кит Го донесе плод и во 30. минута кога Димоски од левата страна сега извонредно центрираше а сосема слично како први првиот погодок од непосредна близина Тони Мичковски погоди за 2-0.

Осогово го намали резултатот во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме. По досуден пенал за гостите, најпрво Мартин Давкков го одбрани ударот од белата точка на Стојанче Велинов но на одбиената топка повторно натрча капитенот на гостите и погоди за 1-2.

Во второто полувреме, избраниците на Емил Грнев брзо го вратија двојното водство. Досуден пенал за пехчевци во 54. минута а прецизен реализатор Дарко Алексовски.

Но во финишот од средбата целосна деконцетрација во одбраната на Кит Го. Осогово најпрво од прекин дојде до 3-2 во 82. минита со голот на Тоше Манов, а потоа и до израмнување со голот на Иванов во 87. минута.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (2. КОЛО)
КИТ ГО - Осогово 3-3 (2-1)

Стрелци: Дујовски 5', Мичкоски 30', Алексовски 54'(п) (КГ) - Велинов 45'+2, Манов 82', Иванов 87' (О)