Триумф над Скопје, пласман во осминафиналето од Купот на Македонија

Кит Го обезбеди место во осминафиналето од Купот на Македонија, откако во 1/16-финалната пресметка славеше против членот на Втората лига - Запад, ФК Скопје, со 2-1 (1-0).

Фудбалерите на Емил Грнев на натпреварот кој се играше на Градскиот стадион во Штип, беа подобар тим на теренот сосема заслужено славејќи против скопјани. По почетните минути на испитување на силите, Кит Го до предност од 1-0 дојде во 23. минута со погодокот на Владимир Дујовски. Прекрасна акција која на средината од теренот ја почна младиот Марио Рунтев, проигрувајќи го Дујовски кој од 12 метри одлично стрелаше во противничката мрежа.

Во второто полувреме, гостите почнаа далеку поагресивно кон голот на Мартин Давков, па успеаја да го израмнат резултатот на 1-1 преку Иво Јанакиевски во 61. минута, кој прецизно стрелаше од белата точка.

Сепак, во 66. минута извонреден гол на Рунтев. Доби топка на 16 метри и прекрасно шутираше за водство од 2-1.

До крајот фудбалерите на Кит Го само рутински ја одржуваа предноста, не дозволувајќи гостите да создадат посериозна шанса за израмнување.

КИТ ГО - Скопје 2-1 (1-0)
Градски стадион во Штип. Натпревар без публика. Стрелци: Дујовски 23', Рунтев 66' (КГ) - Јанакиевски 61'(п) (С).


Резултати Куп на Македонија, 1/16 – финале

Гостивар – Тиквеш 5-0, Македонија ЃП – Победа 0-0 5-4, на пенали), Охрид – Ренова 0-4, Пелистер – Љуботен 4-0, Росоман – Беласица 1-5, Саса Каменица – Борец 2-2 (3-1, на пенали), Силекс – Тетекс 3-0, Слога Виница – Шкупи 1-2, Велешта – Кожув 1-2, Велазерими – Работнички 0-0 (3-4 на пенали), Кит Го – ФК Скопје 2-1.