Грнев: И на почетокот кажав дека мора да бидеме трпеливи со младите фудбалери, ќе бидат се подобри

Шефот на стручниот штаб на Кит Го, Емил Грнев не го крие задоволството од триумфот на својот тим на гостувањето против Плачковица во 7. коло од Втората лига - Исток.

Кит Го славеше во далеку подобра игра на теренот. Грнев потенцира дека силно верува во младите фудбалери од кои очекува да играат се подобро од натпревар на натпревар, претставувајќи вистинска иднина на клубот.

„Дојдовме до значајни три бода за нас благодарение на максималната и пожртвувана игра на фудбалерите, за што искрено може да им честитам. Во првото полувреме имавме четири 100% можности преку Андонов и Алексовски, а посебно во два наврати и Рунтев го погоди дирекот. Но, тоа што не успеавме во првиот дел успешно го завршивме во второто полувреме. На крај задоволство од триумфот кој можеше да биде и поубедлив“ - вели Грнев, притоа дополнувајќи:

„На почетокот од сезоната кажав дека мора да имаме малку повеќе трпение за младите фудбалери. Имаме сега комплетно нов тим со повеќе млади фудбалери, и знам дека од натпревар на натпревар ќе бидат се подобри, докажувајќи ги се повеќе своите квалитети на крајот и резултатите нема да изостанат“.

Кит Го во следното коло од првенството, на 17. октомври на домашен терен го пречекува новиот второлигаш Слога Виница.