Убедлива победа над Тетекс на генералката пред стартот на вториот дел од сезоната

Фудбалерите на Кит Го победија убедливо со 4-2 (2-1) против Тетекс на генералката пред стартот на пролетниот дел од сезоната во Втората лига - Исток.

Составот на Емил Грнев одигра квалитетен дуел зачинет со четири погодоци на пријателскиот натпревар кој се одигра на игралиштетото на Бело Брдо во Штип.

Првото полувреме почна со израмнета игра, во која први до предност дојдоа гостите од Тетово. Но, најдобриот стрелец на Кит Го, Бошко Ступиќ во 40. минута постигна погодок за израмнување.

Кога се чинеше дека двете екипи ќе заминат без предност на полувремето, Зоран Андонов прекрасно погоди во 45. минута за водство од 2-1 на нашиот тим.

Избраниците на Емил Грнев одличната игра од финишот на првиот дел ја продолжија во второто полувреме. Па, во 75. минута следеше и погодокот на Мартин Димовски за 3-1, за да во 82. минута во листата на стрелците се запише и Кире Трпчевски за 4-1. Тетекс во финишот од пенал успеа само да го ублажи поразот.

Кит Го на дуелот со Тетекс стартуваше со следниот состав. Давков, Рајков, Христов, Стојменов, Трпчевски, Борха, Димовски, Алексовски, Андонов, Мичковски, Ступиќ.