Мартин Давков: Досегашните изданија ни даваат силен поттик за триумф и на мечот со Саса

По одличните изданија низ пролетниот дел од сезоната, фудбалерите на Кит Го со огромен мотив и силна желба за нови бодови го очекуваат и новиот натпревар против Каменица Саса кој во сабота (24. април) се игра на домашен терен.

Чуварот на мрежата, Мартин Давков е повеќе од задоволен по последната победа над Кожуф, нагласувајќи дека сето тоа треба да донесе дополнителен импулс за тимот и до крајот на шампионатот како со што повеќе бодови би се завршило првенството.

„Натпреварот против Кожуф го одигравме токму како што посакувавме. Со тимска игра успеавме на време да постигнеме гол, па мудро, тактички подготвено повеќе од заслужено стигнавме до трите бода со кои се издвоивме на третата позиција“ - вели Давков, притоа дополнувајќи:

„На ист начин посакуваме да го одиграме и натпреварот против Каменица Саса. Игрите од изминатиот период ни даваат силен мотив и за престојниот дуел на кој повторно сакаме да го покажеме сиот наш квалитет“.