Емил Грнев: Успешна сезона која ни носи мотив за продолжување уште посериозно понатаму

Анализирајќи ја првично изминатата сезона, шефот на стручниот штаб на Кит Го, Емил Грнев не може да го сокрие задоволството од постигнатиот резултат.

Кит Го ја заврши сезоната на третата позиција во Втората лига - Исток, веднаш зад водечките Брегалница и Тиквеш, со 42 освоени бода и гол-разлика од 41-33.

„Основната цел пред почетокот на сезоната беше да обезбедиме пласман меѓу најдобрите четири екипи во лигата. И, успеавме во тоа. Затоа може да бидеме задоволни од постигнатиот резултат, а пред се и од односот на сите фудбалери и од залагањето на тренинзите и на натпреварите сезонава“ - вели Грнев, притоа дополнувајќи:

„Во секој случај мора да кажам дека ние на некој начин со игрите и резултатите се оддолживме на раководството на клубот кое ни ги овозможува сите максимални услови за работа, на кои може да позавидат и голем број прволигаши“.

Кит Го го има еден од најмладите состави во лигата, потпирајќи се главно на надежи на клубот кои, се чини, ја оправдаа довербата.

„Да, имаме млади играчи кои во иднина треба вистински да созреат во сениорскиот фудбал. Мислам дека треба време и навистина трпелива работа. А Кит Го може да им овозможи вистински развој, без притисок и со многу трпение. Сега ни следи пауза и добра анализа на изминатава сезона како што подобро би се подготвиле за новата сезона и за уште подобри резултати“ - вели Грнев.