Активен старт на подготовките, првиот тест против Слога Виница на 24. јули

Фудбалерите на Кит Го максимално активно ја одработуваат почетната фаза од подготовките за новата сезона во Втората лига - Исток.

Позитивната атмосфера, максималната желба за напредок кај младите фудбалери и постојаната амбиции за успешни настапи и натаму се присутни во таборот на Емил Грнев, со истиот жар како и што успешно се реализираше изминатата сезона.

Првата фаза од подготовките минува во Штип, а од 14. јули следи втората фаза во својата база во Пехчево каде ќе бидат одиграни и пријателски натпревари.

„Подготовките течат во најдобар ред. Огромна е желбата кај играчите за докажување уште од самиот старт на подготовките, што носи дополнителен ентузијазам кај сите нас“ - вели тренерот Емил Грнев.

Во составот е приклучен и младинскиот репрезентативец Јонуз Рушту кој пристигна од редовите на Работнички. Првиот пријателски натпревар ќе биде против Слога Виница на 24. јули, а потоа ќе следат и тест дуелите со Осогово, Трајал Крушевац и Детонит. Генералката пред стартот на сезоната е закажана за 14. август против струмичка Беласица.