Сенев со убедлив триумф над Детонит јуниор стартуваше на клупата на Кит Го

Фудбалерите на Кит Го запишаа убедлива победа од 4-1 против Детонит јуниор во 2. коло од новата сезона во Втората лига - Исток.

Новиот шеф на стручниот штаб на Кит Го, Трајче Сенев стартуваше со убедлив триумф во натпревар одигран на Градскиот стадион во Штип во кој неговите избраници доминираа во текот на сите 90 минути. Уште во раната фаза од натпреварот дојде водството на Кит Го со голот на Давид Бошески во 10. минута кој одлично реагираше по нафрлањето од корнер на Леон Цуцковски.

Цуцковски беше најдобриот фудбалер во првиот дел, одличната игра крунисувајќи ја со прекрасен евро-гол по шут од 18 метри во 45. минута за водство од 2-0.

Квалитетното издание на Кит Го продолжи и во второто полувреме, па веќе во 65. минута и Тони Мичковски стрелаше за водство од 3-0, на асистенција на Зоран Андонов.

Гостите успеаја да намалат со голот на Адемов во 77. минута, но веќе во 84. минута Љупче Јанкулов ги постави конечните 4-1, на асистенција на Тони Мичковски.

Во следното 3. коло во Втората лига - Исток на 11. септември Кит Го ќе гостува на Беласица во Струмица.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (2. КОЛО)
КИТ ГО - Детонит јуниор 4-1 (2-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Бошески 10', Цуцковски 45', Мичковски 65', Јанкулов 84' (КГ) - Адемов 77' (ДЈ)