Сенев: Одиме на трите бода на утрешниот дуел против Кожуф

Младите фудбалери на Кит Го одиграа повеќе од квалитетен натпревар против големиот фаворит Шкендија во Купот на Македонија, умешно парирајќи на терен против актуелниот македонски шампион што носи секако задоволство и за шефот на стручниот штаб Трајче Сенев.

Со осум млади фудбалери Кит Го се спротистави на Шкендија, сега фокусирајќи се и на продолжението од Втората лига - Исток. Веќе утре во Пехчево гостува екипата на Кожуф, против која се очекува ново квалитетно издание и бодови.

„Мислам дека од натпревар на натпревар екипата игра се подобро. Младите фудбалери веќе се поотворено го демонстрираат својот квалитет. Сега не очекува натпревар во Пехчево против Кожуф на кој верувам ќе играме ефикасно. Јасно е дека не чека тежок дуел, против сериозен противник но знам дека нема да разочараме и секако желбата се три бода од утрешниот дуел “- вели Сенев.

Во тимот, во однос на претходниот дуел со Шкендија, ќе биде и репрезентативецот Љупче Кудев кој изминатиов перод беше приклучен на подготовките на селекцијата до 19 години.