Беспрекорна игра - Голема победа над Локомотива

Низ уште една беспрекорна игра во шампионатот од Втората лига - Исток, фудбалерите на Кит Го дојдоа и до втората едноподруго убедлива победа, овој пат од 4-0 против Локомотива Градско во 9. коло.

По триумфот над Осогово, избраниците на Трајче Сенев целосно доминираа и на денешниот дуел во Пехчево каде победата беше најавена со голот на Зоран Андонов во 29. минута од средбата.

До крајот на полувремето, продолжувајќи со офанзивната игра, следеше и вториот гол преку капитенот Бошко Ступиќ од пенал во 45. минута.

Во второто полувреме ист ритам на теренот. Убедливото издание резултираше со водство од 3-0 во 71. минута по автоголот на противничкиот фудбалер Петроски. Веќе во 76. минута и со вториот гол на Зоран Андонов, Кит Го заокружи за конечни 4-0.

Во следното, 10. коло, од првенството, Кит Го на 7. ноември на домашен терен го пречекува лидерот, прилепска Победа.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (9. коло)
КИТ ГО - Локомотива 4-0 (2-0)

Градски стадион во Пехчево. Стрелци: Андонов 29', 76', Ступиќ 45'(п), Петроски 71'(аг)