Андонов: Време е да се вратиме на победите

По двата едноподруго порази, фудбалерите на Кит Го денеска во 13. коло од Втората лига - Исток на Градскиот стадион во Штип ја пречекуваат екипата на Братство во желбата за враќање на победите во битката за горниот дел од табелата.

Офанзивецот Зоран Андонов е убеден дека тимот има сили да се врати на победите во шампионатот.

„По двата порази од Детонит јуниор и од Беласица време е да се вратиме на победите. Ниту најмалку не го потценуваме противникот но основно ќе биде да се искористат шансите за да дојдеме до посакуваните три бода. На претходните натпревари, мора да истакнеме, дека не не послужи и среќата. Сепак, сето тоа сега го оставаме зад нас и максимално се фокусираме на победа против Братство“ - вели Андонов.

Натпреварот меѓу Кит Го и Братство на Градскиот стадион во Штип се игра денеска (4. декември) со почеток од 13 часот.