Капитенот Ступиќ со два гола донесе триумф над Братство

По двата претходни порази, фудбалерите на Кит Го повторно се вратија на победите славејќи со 2-1 (1-0) против Братство во 13. коло од Втората лига - Исток.

На дуелот кој се одигра на Градскиот стадион во Штип, избраниците на Трајче Сенев повеќе од заслужено дојдоа до победата која можеше да биде и многу поубедлива ако се искористеа бројните шанси посебно во второто полувреме.

Доминантниот почеток на мечот резултираше во 17. минута со погодокот на Бошко Ступиќ за водство од 1-0. Во продолжението се нанижаа уште три можности за зголемување на предноста, но до полувремето резултатот остана непроменет.

И покрај иницијативата на Кит Го, гостите во 56. минута со убав гол на Шаип дојдоа до израмнување.

По голот за 1-1 на Братство, се во продолжението беше тотална доминација на фудбалерите на Кит Го. Извонредни можности имаа Трпчевски и Кудев кои останаа нереализирани, Ступиќ во 67. минута со глава го погоди и дирекот од противничкиот гол, потоа гостинскиот голман во неколку наврати одбрани 100% шанси на Трпчевски за да конечно во 86. минута се дојде до заслужени 2-1.

Леон Цуцковски беше соборен во шеснаесетникот на гостите, а капитенот Бошко Ступиќ беше сигурен реализатор на ударот од белата точка за конечни 2-1.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (13. КОЛО)
КИТ ГО - БРАТСТВО 2-1 (1-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Ступиќ 17', 86' (п) (КГ) - Шаип 56' (Б)